...збориме за Скопје
47, Skopje, Macedonia

Липи, липи! Луѓе мои, знам дека сум тотално клише со тие липи, ама просто човек да сфати зашто со години луѓето се обидуваат да го опишат мирисот, периодот и чувството да се биде присутен во овој наш Град баш сега. И џабе читаш, џабе се сеќаваш, додека не го почувствуваш, ништо не е доволно добро опишано.

Не знам каде да се заблагодарам што се родив во овој Град. И кога врне и кога има магла ми е убав. И додека се варам во кола. Не ме интересираат тие што се занесуваат дека го водат. Јас уживам во мојот однос со Него.

Он е фин, ако ти е многу жешко доле на асфалт ти вика „Ене ти го Водно, иди таму пиј кафе". Или седи си, едноставно. Или други работи...
Плус е редок град каде што можеш да се напиеш вода од чешма и да не повраќаш и да не умреш. И да ти биде подобра од некаков Евиан.

Град во кој што најголемите ѕвезди секој ги среќава на улица и никој не ги есапи. Или живеат во иста зграда со тебе. Град кој има фантастичен вкус за музика, а све некој му квари концепт со полнење сали на Цеца. Но добро... Графитите по него нè издаваат дека ние и не сме така лоши.

Град со кој, за жал, ретко некој останува насамо. Сите сакаат да бидат во друштво, да одат СО НЕКОГО на кафе, да излезат СО НЕКОГО на пијачка. Ретко Скопјани знаат да седнат со весник, да си нарачаат кафе и да уживаат во самите себе и да уживаат во Градот. Освен можеби повозрасни. И тоа е баш освежувачко.

Тука уште не сме оперирани од све како во странство. Ај што не знаеме да тргнеме поглед и кога треба и кога не треба, ај што често сме тешки сељаци, се замараме и со туѓите животи. Или како мене, не се замараме баш многу, ама знаеме чудно да погледнеме човек што оди и збори, како сам со себе. Ретко ни текнува дека е тоа хендсфри. Така татко ми еднаш влезе дома зборејќи. Он прашува, ја му одговарам. Па после он сам си одговара. Ја свртена со грб и се чудам „што му е на чоеков". Се вртам и он со тоа слушалката во уво ми вика „Доста бре".

Не збориме за хендсфри, збориме за Скопје. Само Скопјани ги караат кога не зборат стандарден македонски. Сите други дијалекти се „богатство на јазикот", само ние кога ќе напишеме „све" на Фејсбук, вечито се наоѓа некој да не оправа дека сме биле неписмени. Не било „ноги", „нозе" било. Те карам ли ја, пријателе, кога ќе кажеш „ноЅе"? Немам ни желба, а и така би било навреда на твоето потекло, ако не се лажам. Имаме прекрасен дијалект, а дури и луѓе во чијашто лична карта пишува Скопје уште не го сфатиле тоа.

Живееме во град каде што „сите се од Скопје", но најголемите и највистинските граѓани со задоволство кажуваат од кој град поточно потекнуваат. Каде што често граѓанин од друг град може да му држи предавања за однесување на прва или втора генерација Скопјанец.
Каде што на неколку чекори оддалеченост се една Ристичева палата и некакво здание со Најк у него.
Каде што модерна улица полна со кафичи претставува црвен тепих до тивката Стара железничка.
Каде што луѓето размислуваат светски, а се судираат со балкански проблеми.
Пратат француска мода, а имаат македонски плати.
И им успева.
И прават град, што јас го обожавам.

Тука живеат луѓе кои никогаш нема да сфатат каква нирвана е да уживаш во сопствениот град.
Живеат и такви кои знаат дека овој град е вечна инспирација.

Не се вика „Те сакам, Скопје" само на 26-ти јули и на 13-ти ноември.
Дужни сме му ко Грчка.


154 views
 
Komente
VOCKO 13.06.2012

хехее ми се допадна блогов, како на "ноги" да си го напишала пиејќи вода во чаша од чешма за да имаш сигурно друштво,а мува не те лази,бидејќи прскаа против комарци :-) ...а башка опкружена со врвни скопјани по лична карта.... *HI* .... Не ме интересираат тие што се занесуваат дека го водат. Јас уживам во мојот однос со Него.... *HI*

jasminabela jasminabela 14.06.2012

*THUMBS UP*

borko412 14.06.2012

*OK* *HI*

Pane-G 15.06.2012

и јас сакам скопје ама липи нејќум оти сум алергичен сепак убаво мириса :D

jasminabela jasminabela 28.08.2014

:D

Ditar
Blogët shkarkohen çdo 5 minuta